Вести

2.5 милијарди луѓе се болно зависни

Светската здравствена организација (СЗО) ја класифицираше зависноста од видеоигри како дијагноза и на тој начин на експертите за ментално здравје им постави темел за пронаоѓање на начин за лекување од оваа зависност.

Речиси два и пол милијарди луѓе на светот играат видеоигри, а од Светската здравствена организација велат дека со ова пореметување се соочува дел од нив.

Тие уште во јануари, кога најавија дека ќе го признаат играњето на видеоигри како болест, објаснија дека тоа е пореметување кое се карактеризира со губење на контрола над играта, давања на голем приоритет на играта во таа мерка што таа може да ги потисне другите интереси и секојдневни активности, односно продолжување со играње и покрај очигледните штетни последици.

Во исто време, овој став на Светската здравствена организација е критикуван од неколку експерти за ментално здравје.

„Загрижени сме, бидејќи тоа е дијагноза која нема цврсти темели на истражување“, тврди психологот Кристофер Фергусон.

Други пак го поздравија овој потег на СЗО, наведувајќи дека е критично бргу да се идентификуваат зависниците од видеоигри, бидејќи тоа се обично тинејџери или пак возрасни лица кои сами не бараат помош.

„Се среќаваме со родители кои се исплашени не само затоа што гледаат дека детето го напушта училиштето, туку и затоа што им се распаѓа целата семејна структура“, вели докторка Хенриета Боуден Џоунс, од Британскиот кралски психијатриски колеџ.

Докторката Џоунс вели дека зависноста од игри најдобро се лекува со психолошки терапии, а понекогаш и со лекови.

„Играњето на видеоигри, од психолошко гледиште, е исто како некој вид на коцкање без пари. Коцкарите користат пари како начин за да го мерат успехот, додека во игрите се користат поени“, вели психологот Марк Грифитс.

 

 

 

 

 

Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to Twitter