Вести

РФМ со драконски казни удри против Текстилец

Ракометната федерација на Македонија, односно нејзината Првостепена Дисциплинска комисија, ги донесе одлуките во врска со прекинатиот натпревар од 25. коло на Првата лига во Штип меѓу Текстилец и Вардар Неготино.

 

Во средината на вториот дел, мечот беше прекинат порад тепачка меѓу ракометарите на двете екипи, но домаќините поминаа лошо. Тројца ракометари на Текстилец, Никола Јованов, Дарио Јорданов и Ферид Јахјаов добија суспензија од две години, а казната им истекува на 27 мај во 2020 година.

Уште тројца ракометари на штипскиот состав, Петар Василев, Роберт Мицев и Давор Смилков ќе паузираат во следните шест месеци, а на терените можат да се вратат после 27 ноември оваа година. Покрај сите нив, суспензија заработи и службеното лице на Текстилец, Донче Тодоров, кој ќе биде надвор од ракометот во следните две години.

Од Вардар Неготино се казнети двајца играчи, а станува збор за Ѓорѓи Орешков и Оливер Којев, кои ќе паузираат на следните пет натпревари и казната ќе ја одработат на почетокот на следната сезона во Првата лига.

Натпреварот е регистриран со 10-0 за Вардар Неготино, а штипскиот тим покрај тоа што ќе има бод помалку, доби казна и од 150.000 денари.

 

 

 

Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to Twitter