FIFA ќа заработи 6 милијарди долари

Светското првенство во Русија денеска започнува и за еден месец преку 64 меча, светот ќе го добие новиот фудбалски владетел, а најголеми фаворити се три европски и две јужноамерикански земји – Шпанија, Франција, Германија, Аргентина и Бразил.

И додека најголемиот дел од фудбалската јавност, типува, предвидува, анализира која селекција има најмногу адути, а најмалку маани, во Светската фудбалска федерација (ФИФА) уште на непочнато првенство тријат раце. Бирократите, кои вчера го изгласаа финансискиот извештај и буџетот на светската организација на Конгресот во Москва, најмногу се радуваат на неверојатниот финансиски успех. Причина – само СП во Русија ќе донесе вртоглави 6,1 милијарда долари.Според финансискиот извештај, ФИФА ќе има приходи од 6,1 милијарда „зелени банкноти“, што е за десет отсто повеќе од првите проекции што во светската организација ги имале проектирано, но во споредба со последниот Мундијал, приходите пораснале за 1,3 милијарди долари. Приходите само од ТВ-правата се покачени за два отсто во однос на таргетот од три милијарди долари, а спонзорските договори донеле 200 милиони „зелени банкноти“ повеќе од касата од проектираните 1,45 милијарди долари.Сето ова е доказ каков глобален бизнис е фудбалот и колку ФИФА од најголемиот фудбалски настан профитира.

Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to Twitter