Вести

Металургијата не е за импровизација

Ограничен пристап до финансии, несоодветен третман, скапи енергенси и високите цени на транспортот се недоволни стимулации за развој и за отворање на работни места.

Сето тоа ја прави македонската индустријата за основни метали неконкурентна. Ова го покажува Студијата на Стопанската комора на Македонија: „Идентификација на генерирачките потенцијали на носечките индустриски сектори во Македонија низ примерот на проучувањето на улогата и важноста на индустријата за основни метали во националната економија“, за која вчера се дебатираше во Комората. Во неа се констатира дека индустријата за основни метали во 2007 година директно во бруто-домашниот производ учествувала со 5,73 отсто, а во 2014 година со 1,36 проценти. Намалување има во извозот, од 51.905 милиони денари, на 29.766 во минатата година. Компаниите опфатени во Студијата во 2007 година броеле вкупно 6.642 вработени, а во лани - 6.393. Потпретседателот на Стопанската комора, Минчо Јорданов, посочи дека компаниите од металуршкиот сектор плаќаат најскап гас, енергенси и транспорт. „Тоа е апсурд, особено што станува збор за индустрија со голем придонес, како во финансиите, така и во однос на вработувањата. По примерот на поразвиените економии бараме оваа индустрија да си го добиеме заслуженото место со сите привилегии. Треба драстично да се зголеми поддршката на државата кон овој сектор, за таа да добие нормален, а не привилегиран третман, како во многу држави“ , изјави Јорданов.Инаку, Студијата на Стопанската комора базира на истражување со кое биле опфатени 12 компании од челичната индустрија во 2007 година и во кризната 2014 година, кога металургијата најсилно ја почувствува намалената побарувачка. Автори се Д-р Дарко Лазаров од Универзитетот „Гоце Делчев“и д-р Митко Кочовски од „Макстил“.

 

 

 

Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to Twitter